Прочитано 777 пати
0 коментари
17.08.2011 12:06
„Пиволенд“ од 31-ви август до 4-ти септември
Како и претходните три години, „Пиволенд“ повторно е подготвен да ве навлече на слатките фестивалски искушенија со кои од 31-ви август до 4-ти септември на најдобар начин ќе го отпоздравите летото и ќе ја стартувате плодната есен.
Откако „Пиволенд“ на своето последно издание ги сруши рекордите во Македонија за настани од ваков вид, со 400.000 посетители, 2.000 хектолитри испиено пиво, 500 хектолитри вода и сокови и 150.000 изедени сендвичи, оваа година со цел да постави нови рекорди обезбеди нова поголема локација за петдневното лудило.
„Пиволенд“ 2011 ќе се одржи на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој ќе биде специјално декориран и уреден за овој настан, а влезот ќе биде бесплатен за сите посетители, пиваџии, гурмани, фанови, воајери и журкаџии.
Под познатото мото „дојди, види, испиј“ на гурманскиот фестивал на пивото ве очекуваат 50 бендови, артисти и диџеи, повеќе од 50 домашни и странски видови пиво, гурмански штандови со разновидна храна и многуте скараџиски и сувомесни „Жи-ва“ производи, игротека за возрасни, филмски проекции, ракотворби, социјални кампањи, наградни игри и 60часовно дружење во „Пиволенд“, земјата на најстариот пијалок и поттикнувач на целиот цивилизацики развој (научно докажано).
Музичката програма на фестивалот е исполнета со изненадувања за фановите на речиси сите музички правци.
Во листата на првите изведувачи кои ги објавуваме е хрватската електро поп атракција „Lollobrigida“. Започнаа во 2003 година како караоке дуо настапувајќи како предгрупа на култниот Мамбо Курт, а прераснаа во шест секси диско панкери кои во 2009 година се прославија на Европските MTV награди освојувајќи ја наградата „Best Adria Act“ и оттогаш нивната кариера е во постојан подем. Уникатниот кинки-поп состав неодамна го објави својот нов сингл „Sex on TV, sex on the radio“, а сега „погласни, побизарни и поубави од било кога“ ја стартуваа летната турнеја во чии рамки е и нивниот настап на „Пиволенд“.
За обожавателите на цврстиот звук „Пиволенд“ за прв пат во Македонија го носи легендарниот новосадски хеви/панк рок бенд „Ритам Нереда“ кој неодамна го издаде својот десети албум под наслов „Паралелни Свет“ за Егзит Мјузик етикетата. Јубилејниот албум претставува до сега најзрело и најдобро издание на бендот „Ритам Нереда“, а тешкиот и остар звук, препознатливите рефрени и квалитетната продукција, го прават ова издание неодминливо за сите љубители на цврстиот гитарски звук. Познати по енергичните, жестоки и бескомпромисни концерти, тие често го менуваа и го подобруваа својот звук создавајќи препознатлив стил со кој прераснаа во синоним за квалитетна свирка. Тие бележат и настапи со големи имиња како Моторхед и Ред Хот Чили Пеперс.
Пред македонската публика на „Пиволенд“ ќе настапи и „Gillespie“, еден од најдобрите и највлијателните инди рок бендови од Косово. Gillespie постои од 2005 година кога само по два месеци од создавањето на бендот, членовите веќе го имале целиот материјал за првиот албум „Nje dite e zakonshme“ кој го објавуваат една година подоцна и со кој постојано се присутни на инди топ листите. Неодамна групата го објави и својот втор албум „Numroj N'Numratore!“ којќе го претстави пред публиката на „Пиволенд“ 2011.
Музичкиот поп/рок/фолк состав „Belfast Food“ ќе ја зачини пивската атмосфера со уникатен ирски звук. Хрватските Белфастовци речиси 15 години создаваат авторска музика во која ги спојуваат своите искуства од Ирската музика со нивните стремежи кои навлегуваат во поинакви музички правци и досега имаат објавено 5 студиски албуми.
Од домашната музичка сцена тука е квинтетот „Летечки Пекинезери“ кој преку својот софистициран музички полет ќе ја збогати атмосферата на „Пиволенд“ со квалитетно џез освежување, а оние кои трагаат по жесток звук сигурно нема да го пропуштат настапот на хардкор бендот од Скопје „Screaming for Change“ кои годинава го подготвуваат и издавањето на нивниот втор албум. Од трибјут бендовите оваа година ќе ги видиме „Pink Floyd project Macedonia“ и српскиот „Rage Against The Machine Real Tribute“.
Освен овие групи најавени се Фолтин и High Control од Македонија и Darkwood Dub.
Сосема доволно за првото наздравување, а новите имиња од богатата музичка програма допрва следуваат. Ова е само почеток – почнете да се подготвувате за ПИВОЛЕНД 2011!