Прочитано 297 пати
0 коментари
16.01.2012 13:42
„Грев или шприцер“ во Драмски театар
„Грев или шприцер“ е драма за страста и неправдата, за гревот и за обичните луѓе, за љубовта и за брзината со која одминува животот. Ликовите во ваквите драми, заедно со заплетите и хибридниот жанр, кој малку не засмева, а малку не расплакува, ако се вешто изведени, секогаш преживуваат низ епохата и се предизвик на новите генерации гледачи. Иако праизведбата на оваа драма беше пред речиси дваесет години, со истата возбуда и деновиве исчекуваме да ги видиме мајсториите на Деан Дамјановски, неговите соработници и сите сјајни актери на Драмскиот театар од Скопје. Тоа е една обична приказна со своја судбина што започнала на денот на страшниот скопски земјотрес во 1963-та година и траела следните осумнаесет години. Таа приказна можела да стане „приказната“ на секој од нас. Секој од нас можел да биде виновен без вина исто онолку колку што се виновни Крсто, Цвета, Беба, Џанго, Миле и сите други ликови што ѕиркаат од темницата на оваа стара драма. Таквите драми, најчесто се драми за нас, обичните луѓе и се случуваат насекаде околу, а постојат со цел да не забавуваат и да не научат да бидеме подобри луѓе.
Драмскиот текст и претставата „Грев или шприцер“ од 1992-та година, претставуваат своевиден „бренд“ на Драмскиот театар, но и општо на театарот во суверена и независна Македонија. Автор на драмта е Сашо Насов во режија на Деан Дамјановски, во улоги се појавуваат Драган Спасов, Билјана Беличанец –Алексиќ, Зоран Љутков, Роберт Вељановски, Сашо Тасевски, Маја Вељковиќ-Пановска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска.
Оваа драма се наоѓа на репертоарот на Драмски театар на 21-ви и 27-ми јануари.