Прочитано 1853 пати
0 коментари
07.06.2011 15:20
Базенот „Младост“ во Карпош отворен
Отсега пливачите, ватерполистите и сите љубители на водните спортови, ќе можат да уживаат во комплетно реновираниот базен „Младост“ во Карпош.
Новиот изглед, овој спортски центар го доби по цели 32 години, за само осум месеци градежни активности. Реновирањето се вршеше под раководство и мониторинг на Спортската сала "Борис Трајковски".
Базенот има нов надворешен изглед, идентичен на оној на спортската сала. Обновена е фасадата, покривот, ентериерот и поставен е модерен систем за филтрација на водата со УВ-зраци, кој е најбитен за овој објект. Целосно реновиран по професионални стандарди е и внатрешниот дел кој има нови санитарни јазли, нови плочки во и околу базените, нови трибини, како и комплетно нов систем за греење. Освен тоа, комплетно нов лик доби и летната тераса, на која ќе бидат поставени лежалки за сончање, чадори, маси и столови.
Во состав на базенот е и клубот за бокс, а има и деловни простории, модерен кафе-бар дополнет со игротека за деца.
Базенот е изграден во 1979 година и во последниве години беше во многу лоша состојба, односно воопшто не функционираше.