Седејќи си на тераса во врелиот, топол и смрдлив Капиштец, со директен поглед на контејнер без две тркалца, а редовно онадуван од две мачки сорта уличарки, ги цедам последните залихи од црната белосветска пијачка, како замена на некогашните релевантни ТиКа и Струмка! Трљајќи си ја испуканата пета, резултат на летното сметање на времето и употребата на разно разни апостолки, папучи, влечки или јадранки, го листам последното издание на Дневник, сосема незаинтересирано, а од проста причина да не го сјебам правилото: во ќенеф и на тераса обавезно со лектира! Пошто Дневник е новина на место знам дека колку и да сум скаран со весниците, ќе најдам нешто со што ќе можам да утепам бар 12 минути, да можат мачкиве од погоре раат да си ручаат! И таман кога помислив дека ќе умрам од интересни статии, мојот сварен поглед на плус четириесет, лоцира извесна колумна со екстравагантен наслов Дојдете во Охрид, за наше добро! Кога подобро ќе видам, текстов да ми ти бил, писание лично од човекот кој пред две години не можев да го најдам ни под дрво, ни под камен! Аце Петрески е шерифот на Охрид, кој патем е и колумниста во весников. За да знаете точно за што станува збор ве линкувам директно до неговата полуписмена беседа па после идеме даље со мојата поента:
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=4E1E2C4912D5974E81D359FEA2274F70
Се надевам дека во меѓувреме го прочитавте четивото, пошто мачкиве го потаманија цел контејнер, а јас петата ја напраив рани. Прво, за стилот на пишување на шерифот нема да коментирам! Од едноставна причина што ваков стил и не е за коментирање, а башка и вие самите можете да донесете заклучок од текст кој е составен само од прости и проширени реченици. Јас само ќе се обидам да ја објаснам мојата поента. Прв пат со општина Охрид се обидов да стапам во контакт пред две години, кога како тогашен одговорен уредник на Бекстејџ се обидов да го исконтактирам шерифот за да споделам една благородна идеја! Имав идеја целата емисија да ја префрлиме во Охрид како наш најголем туристички центар, сакав да закажам састанак со Ацета и да му кажам дека ние сме решени колку толку да помогнеме во развојот и убавата слика за туризмот во Охрид. Првите три дена никој не крена слушалка. Општина Охрид беше тапа. Кога конечно ми се јави некој суруш кој јасно ми стави до знаење дека можам да бидам и од Свети Сител (цитат), ама до градоначалникот тешко дека ќе дојдам, бидејчи он решавал крупни прашања. Беше до толку љубезен па ме поврза со некоја особа од сектор за култура, која не ме ни дослуша зошто се јавувам, ми зеде број и вети ќе ме побара покасно. Јасно ви е, дека сеуште чекам на охридскиот позив. Во меѓувреме ние се преселивме во Охрид. Направивме две години по месец и половина јавувања во живо, емитувавме 80 дена програма, 2.400 часа или ако повеќе сакате 144.000 минути видео материјал од Охрид. Организиравме лично и во копродукција точно 26 ивенти, полневме плажи, стадиони и дискотеки. Лансиравме на сателит и на интернет над 120 прилози од по 3 минути само за градот и убавините и уште толку за плажите и ноќниот живот. Шерифот за точно две години се надевам дека успеал да види барем едно издание на емисијата. Велам се надевам, бидејќи за овие изминати две години, ниту се јави ниту се појави! На крајот од летото не се обиде да испрати ни еден помочан факс до нашата редакција барем да каже дека сме добредојдени и следното лето во неговиот град! Доби бесплатна промоција на градот две години на национална телевизија, која тој лично ниту еднаш не ја искористи за себе промоција или промоција на некој негов проект. За разлика од него, многумина охриѓани, угостители и пријатели не почестија како вистински и прави домаќини. Не застануваа по улица за да ни честитаат, други не викаа на кафе, трети се трудеа да се чуствуваме ко дома! За воља на вистината Охрид не е само Аце Петрески, Охрид има златни дечки кои и без грам градска поддршка се трудат да бидат одлични домаќини и поради нив вреди да се оди во еден од најубавите градови во светот! Ама рибата од главата смрди шерифе. Не туку се фали со Пол Ван Дајк и останати концерти за кој што немаш ни билет купено, а не па да дадеш градски пари. Наместо да изиграваш писател фати се за работа. Учи од големата не скопска тројка: Марјан Ристески, Зоран Заев и Зоран Дамјановски Циц. Од нивните градови направија поголеми атракции од што ти со таков град на послужавник успеа да направиш. Луѓето повеќе на телевизија ги гледаат Прилеп, Струмица и Куманово одошто Охрид. Повеќе одат на Пиво фест, Струмички карневал и Тамбурашки собиранки отколку што има народ во најголемиот шпиц на твојата сезона. Престани да ги делиш туристите на скопјани и останати и спушти си го задникот на земја. Само така подобро со се него ќе можеш да видиш што ти се случува во градот! Ако неможеш за две години да пројавиш иницијатива да се видиш со национална телевизија која служи за твоја промоција, што станува со обичен турист кој може сака само да ти се заблагодари дека убаво си поминал во твојот град, или не дај боже да се пожали нешто. И немој да ми ја мешаш политиката во ова, пошто и само за тоа зборуваш. Намерно ти набројав двајца градочалници - успешни луѓе од твоите редови. Кои имаат попаметна работа од пишување глупости по весници. Затоа шерифе, ова лето барем јас кревам раце од тебе. Со емисијата одиме ширум Македонија. Ќе бидеме на преубавата Преспа, во етно градот Крушево, лековитиот Дојран, вонсериското Берово, зелениот Пелистер... Токму поради вистинските патриоти кои ти ги прозиваш во твојата неписмена колумна! Ама серијалот го започнуваме токму од Охрид, за да уште еднаш, ние Скопјанчиштата покажеме добра воља за промоција на нашето највредно! Шерифе, нашето а не твоето! Ти си менлива категорија. Не сакам луѓето од Охрид да ги поистоветувам со тебе, ни во сон, макар ти и понатаму во твоите колумни да ги делиш на вакви или онакви... За крај, додека заоѓа сонцето над Капиштец, а контејнерите папсуваат од смрдеа, посакувам да сум во Охрид. Гледајќи накај Канео, јадејќи шопска и тегнејќи ладна жолта, додека српските туристки свечено ги покажуваат кратките панталончиња. Веќе те заборавив Шерифе...
Александар Блажевски