Скандал на денешниот прес за Евровизија! Обично новинарско прашање од страна на екипата на Бекстејџ ја растревожи Калиопи, ги подели новинарите и навести разоткривање на тајна од минатото...
Според нашите сознанија, базирани на постоечки докази во 2004 година, кога МТВ без избор одлучи Тоше Проески да не претставува на Евросонг во Истанбул, во канцеларијата на тогашниот директор на некогашен мобилен оператор, се сретнале директорот, Калиопи, и двајца сопственици на една продукциска куќа чиј тогашен спонзор бил споменатиот мобилен оператор, притоа телефонски исконтактирале трет менаџер, исто така сопственик на продукциска куќа, и му понудиле да се здружат и заеднички да го бојкотираат изборот на Тоше, токму поради начинот на кој бил избран... истиот начин на кој сега ќе не претставува Калиопи...
И бидејќи Бекстејџ не е естраден магазин во кој зборуваме небулози и пласираме информации без да ги слушнеме двете страни, денес фино и културно отидовме на првата средба со новинарите за да ја слушнеме и нејзината страна... Прво се обиде да купи време.
„Нормално дека не морам да ти одговорам... Mожам да ти кажам немам коментар, можам да ти кажам она што сега го поставуваш за прашање нема да има последици на мене, ниту на изборот, ниту на моето претставување во Европа... Она што го поставуваш како прашање ќе има последици за образот на вашата редакција, бидејќи ова прашање стига во еден момент многу погрешен, оти ова прашање вашата редакција која можеби во тоа време не постоела, но можеле било кои новинари да ми го постават“, изјави Калиопи.
Па да не фати на емоции...
„Вакви коментари понекогаш, човек се запрашува па зарем може некој да мисли така за мене“, продолжи пејачката.
На директното прашање на Бекстејџ „Точно ли е тоа или не?“ настана општ хаос. Се надвикуваа новинари, се отвори дебата, се зазедоа страни... А Калиопи се обиде да остане неутрална...
„Секому е дозволено да праша она што сака, прво земете го тоа дека таа го поставува прашањето во име на својата редакција“, изјави таа.
Бекстејџ: Во нашата редакција пристигнаа докази кои ќе ги обелодениме...
Калиопи: „Слободно обелоденете ги во емисија, јас ова прв пат слушам...“
Сепак призна дека разговарала со Тоше на таа тема...
„По враќањето на Тоше од Истанбул, имавме прилика да разговараме на таа тема и после тој успех или неуспех, со кој он се соочуваше понатаму и го претрпе како свој личен пораз ме сфати што сум сакала да кажам... Јас со Тоше имав прилика да го расчистам тој момент кој што беше од моја страна само во еден сегмент - професионален, бидејќи во тоа време ако си се занимавала малку повеќе како новинар стручно, ќе знаеше дека јас во тоа време бев претседател на здружението на автори „Шпато“, застапував еден голем дел на мислењата на многу автори. Кои реагираа, прво беше распишан конкурс за песна, а потоа беше направен накнадно моделот... Моето мислење беше дека на таков начин не му се прави услуга на Тоше, бидејќи нема да дојде до вистинската песна...што и се случи... А за ова што ти го изнесе сега како модел на некаква завера...уфф...верувај тоа би било многу лошо, би било страшно, погубно и од овој момент доколку твоите зборови отидат било каде надвор во Европа, тоа ќе биде вашата биографија не моја“, продолжи Калиопи.
И на зборовите на новинарите кои во старт зазедоа нејзина страна дека не треба да ни се правда, без да ни даде можност да се доискажеме додаде: „Не се правдам, ова не е правдање, само потсетувам сонциња, само потсетувам, ова е лично за Бекстејџ, не е за вас, ова е само за Бекстејџ ова не е за другите... A Бекстејџ ви благодарам многу, јас тука ќе те прекинам нема да дозволам повеќе да се шири оваа енергија бидејќи е деструктивна и тотално некорисна нема да дозволам повеќе никој да згазне на она македонското и на она што вистински треба да го направиме...
Кога по којзнае кој пат потенциравме дека имаме докази заврши: „Доказ е многу голема работа, а за ова може да завршите на суд.“
За крај да разјасниме, за нас не е спорно дека пејачката има вонсериски вокал и децениско искуство, ниту дека ќе и ја дадеме нашата поддршка за настапот на Евровизија. Апсолутно сме за тоа дека Калиопи треба да биде дел од ова случување, само сакаме да расчистиме Дали во 2004-та Калиопи била против тоа Тоше Проески да ја претставува Македонија на начинот на кој што сега таа заминува?
Редакциска реакција
Блажевски: Наместо да не ставиш на игнор, дај не на суд!
Поради јавно изнесена закана дека екипата на Backstage може да заврши на суд, јас како одговорен уредник на емисијата јавно апелирам и ја замолувам поп пејачката Калиопи да покрене судски процес. Во истиот судски процес сум апсолутно подготвен да ги повикам сите инволвирани страни да го расчистиме сознанието дали Калиопи седела во просториите на еден мобилен оператор со претставници од друга продукциска куќа, притоа во истата просторија била сведок на телефонски повик кај друг сопственик на трета менаџерска куќа со цел да се оспори начинот на кој МТВ го избра Тоше Проески за свој кандидат, начин на кој сега истата поп пејачка заминува на Евросонг. Доколку Калиопи не покрене судски спор за истово
јас и мојата редакција ќе сметаме дека само ги потврдила нашите сознанија дека сепак до таква средба дошло. За мотивите и останатите причини како и муабетот кој се дискутирал на споменатиот состанок, евентуално во некоја друга прилика, по можност во некој од скопските судови. Без оглед на се Backstage и нуди на Калиопи 10 минутно интервју, во време и место кое сака да го одбере, за да може да искаже се што неможеше да го каже за нашата редакција на пресот на МТВ.
Александар Блажевски
Одговорен уредник