Светот го памети како Крал на Рокенрол музиката и музичка легенда во вистинска смисла на зборот, Вегас го памети како симбол и заштитен знак на градот на гревовите. Градот во кој Елвис Присли имал 837 распродадени шоуа по ред, градот во кој се оженил, го опеал во песна и градот на кој секогаш одново му се враќал, сеуште го чува споменот за Кралот. На петтиот кат од грандиозниот Империал Палас цел еден мал свет посветен на неговиот лик и дело... А во целиот тој свет на кралот во Империал Палас и неговиот најдобар другар – Џими Велвет во Бекстејџ...
Во 60-тите и самиот познат како музичка ѕвезда, воедно и еден од најблиските луѓе на Елвис Присли, денес не пречека малку подостарен но сеуште млад во духот, позитивен и неверојатно скромен. За епитетот најдобар пријател на Кралот вели:
Jimmy Velvet: Еден од најдобрите, бев близок пријател. Некогаш за најдобар пријател се смета оној кој нема нешто лошо да каже, јас немам ништо лошо да кажам за него па претпоставувам дека тоа ме прави најдобар пријател.
Никогаш не кажал ништо лошо за него, всушност не кажал речиси ништо бидејќи со години се трудел сеќавањата на Елвис да ги зачува за себе, овојпат направи исклучок па дел од нив сподели со Бекстејџ...
Backstage: Како ти го паметиш Елвис?
Jimmy Velvet: Елвис беше прекрасен, тој беше многу духовита личност, големо дете, никогаш не порасна... Беше едноставно исклучително дарежлив, сакаше да те погледне во очи и да ти го даде она што мисли дека би сакал да го имаш, како на пример автомобил, куќа, дијамантски прстен било што... Цената и вредноста не беа битни за него, едноставно сакаше да дава.
Backstage: Како се запознавте ?
Jimmy Velvet: Се запознавме преку мојата професорка по англиски, во Џексонвил, Флорида. Тоа всушност беше шоу, еден вид приватна забава кај семејството Картер. Јас имав 15 години и умирав од желба да го запознаам Џими Картер, па ја наговорив мојата професорка по англиски да ме пушти зад сцена, бидејќи и таа беше дел од шоуто. Така јас се најдов позади сцена разговарајќи со гитаристот долго време кога тој рече: „Моето име е Елвис Присли“ Си помислив што е тоа Елвис Присли?! Така се запознавме и неколку минути подоцна кога влезе мојата професорка по англиски ми кажа дека Елвис во моментот снима песна што таа ја напишала и таа песна беше „The Heartbrake Hotel“. Тоа беше голем пробив, за неа, за него и за мене. Останавме пријатели оттогаш...
Вистинските пријатели се луѓето кои се покрај нас и во добро и лошо, луѓето на кои без разлика на се секогаш може да им ги довериме нашите стравови, тајни, грижи ... Судејќи по динамичниот и до некаде скандалозен живот кој го воделе, Џими и Елвис веројатно споделувале многу нешта. Го замоливме да ни открие неколку интересни детали од секојдневието на Кралот кои никој не ги знае...
Jimmy Velvet: Интересно... Се беше интересно со него, тој беше едно големо дете... Не можеше да седи мирен подолго време, исто така не беше личност што сака да чека, ако сакаше нешто сакаше да го добие во истиот миг. Ако погледнете некои од неговите постери на сцена, ќе забележите рака замотана со завои околу дел од прстите, тоа беше за да ги зачува прстените бидејќи немаше доволно трпение за да му ги стеснат. Ако ги сакаше, ги сакаше во истиот миг. Изгуби неколку бидејќи немаше леплива трака околу нив, па... Тој беше навистина нетрпелив, но сепак прекрасен дечко. Со него никогаш не знаевте што ве чека...
Свесен е за големината на Присли, не само онаа како рокенрол икона, туку и големината на неговата душа, па со носталгија ќе каже:
Jimmy Velvet: Бев благословен, фактот дека го познавав беше вистински благослов за мене.
И не е само Присли, во ризницата на спомени овој човек крие приказни за речиси сите денешни ѕвезди... Слушнете ја онаа за Бон Џови:
Jimmy Velvet: Имаше само 17 или 18 кога го запознав, отвараше за Ред и во тој период никој не знаеше кој е Бон Џови или неговиот бенд... Сите заедно беа Бон Џови, но сепак... Беше навистина фин дечко и беше голем фан на Елвис. Посака да седне во автомобилот на Елвис и јас му дозволив дури и го фотографирав и ми рече: „Еден ден и јас ќе бидам голема ѕвезда знаеш?“ Имаше навистина голем ентузијазам... Јас го погледнав и му реков, не незнам но истото еднаш го кажа и Елвис и погледни го сега. Една година подоцна стана ѕвезда. Бешенавистина полн со ентузијазам и беше навистина добро дете. Сеуште е добро дете, има 50 ама сеуште е добро дете.
Таман помисливме дека неможе да не воодушеви повеќе, кога Велвет открива дека знае нешто и за Македонија...
Jimmy Velvet: Знам, добро не многу, но знам дека сакам да дојдам таму еден ден, бидејќи сум читал доста за Македонија.
Backstage: Би дошол ако јас те поканам сега?
Jimmy Velvet: Да би дошол.
Backstage: Договорено
Jimmy Velvet: Немој да бидеш изненадена ако се појавам таму.
Нема да се изненадиме, напротив домаќински ќе го пречекаме и со задоволство ќе слушнеме уште некој извадок од животот на големиот Елвис Присли. А додека тој се реши да ја посети Македонија, не заборавајте Кралот сеуште живее во песните, во Вегас и во сеќавањата на Велвет.