Веќе е официјално, најпопуларната трудница на Балканот синоќа во 23 часот и 04 минути во приватна клиника во Сплит на свет донела машко дете, долго 52 сантиметри и тешко 3,2 килограми.
Според првичната изјава на менаџерот на пејачката Томица, породувањето кое било извршено со царски рез под будното око на специјалистот Томислав Стриниќ поминало во најдобар ред. Иако првичната желба на Севе била синчето да го роди на прочуениот 7-ми февруари по природен пат во вода, лекарите во клиниката не го дозволиле тоа и инсистирале на царски рез, се со цел да не ја загрозат првата бременост на 39-годишната пејачка.
Колку за потсетување Северина беше хоспитализирана уште од 2 јануари поради мали компликации во бременоста. Оттогаш па до денес, медиумите ја породуваа малтене секој ден, сепак среќниот датум кој ќе стои во изводот на малиот Александар Поповиќ ќе биде 20-ти февруари.
Во моментов и мајката и бебето се чувствуваат одлично, јавуваат хрватските медиуми. Но и покрај тоа среќните родители одлучиле да не даваат никакви изјави и првите мигови да ги поминат во апсолутна изолација од медиумите. Со оглед на тоа колку беа таинствени околу бременоста, можеме само да претпоставиме колку долго ќе чекаме на првите фотки на моментално најпопуларното бебе на овие простори.
Додека чекаме Северина и Милан да ја споделат радоста со љубопитниот Балкан, може само да им посакаме да е жив и здрав, убав на мама, паметен на тато!!!