"Oblivion" ги разнежни срцата на Сараевчани
Синоќа, со маестрално одржаниот концерт во Босанскиот Културен Центар во Сараево, Калиопи и Карамазов го промовираа заедничкиот албум "Oblivion".

Најaвени како македонската поп-дива со светски глас и најдобриот светски лаутист, Калиопи и Карамазов го одржаа концертот како централен музички настан во рамките на 26-иот Интернационален фестивал "Сараевска зима". Заедно со нив настапија и хрватскиот гитарист Дарко Пелужан, како и босанскиот контрабасист Давор Бошњаковиќ.
На самиот почеток, Карамазов најави дека на концертот нема правила, зошто албумот "Oblivion" е чиста музика. "Ова е концерт кој доаѓа од тишина и заминува во тишина. Тој не бара апалузи" - изјави Карамазов.
Најавувајќи ги како најубавите песни на сите времиња, Калиопи и Карамазов ги изведоа сите теми од албумот, но кулминација на концертот беше кога на изненадување на публиката ја изведоа антологиската песна на Калиопи "Не плачи".

Синоќешниот концерт пред посебно драгата публика во Сараево, за Калиопи е досега најубавиот настап со Карамазов. "Само еден збор го опишува синоќешниот концерт во Сараево. А тоа е љубов, чиста љубов помеѓу нас и публиката" - изјави Калиопи.
А публиката во преполниот салон на Босанскиот Културен Центар, ги разнежни срцата уживајќи во "Oblivion", a на крајот на концертот ги испрати овие двајца светски уметници со големо воодушевување и силни аплаузи.

















